Tvoja

МАКЕДОНИЈА И ТВОЕ МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ

Зошто ТВОЈА партија

Зошто ТВОЈА партија

Затоа што стана неопходно формирањето на една поинаква партија, која ќе дејствува на поинаков начин, која ќе понуди поинакви решенија и ќе овозможи поинакви резултати.

Затоа што после полни 28 години од самостојноста на Македонија  судбината на државата се уште наизменично ја кројат неколку политички партии, кои независно од тоа како се декларираат (лево или десно) употребуваат системски многу слични методи и постигнуваат слични резултати.

Затоа што после 28 години повеќепартијска демократија, се уште се зборува за поставување на демократските темели, се бара коренита реформа на правосудниот систем, се бара лек за болното здравство и образование и се навестува економија која ќе обезбеди елементарно достоинство на живеењето.

Затоа што после 28 години повеќепартијска демократија наместо мала, ефикасна и квалитетна администрација, се соочуваме со административна какофонија, во која не се знае кој што и зошто прави, кому одговара и со која цел постои, се замаглува бројот на државната администрација, и одново и односво се полни со партиски кадри за сметка на професионалните и стручни кадри.

Затоа што после 28 години повеќепартијска демократија, државата стенка под гломазниот   апарат од 26 министерства и околу 1400 разноразни агенции, бироа, фондови и други здруженија за кои нема реална потреба меѓутоа претставуваат добар начин за исплата на изборните долгови на партиите кои доаѓаат на власт.

Затоа што после 28 години повеќепартијска демократија, граѓаните се уморни, сиромашни, разочарани и политички апатични, и својата иднина ја гледаат надвор од Македонија.

Затоа што после 28 години повеќепартијска демократија, дишеме максимално загаден воздух, пиеме загадена вода, обработуваме загадена почва. За климатските промени се шепоти, а зелената опција се третира како екстравагантна заложба на неколку ексцентрици.

Затоа што после 28 години повеќепартијска демократија мислиме дека веќе има критична маса на граѓани кои не сакаат да веруваат во шарени лажги и кои сакаат да работат на остварување на реални цели кои ќе значат подобрување на животот на што е можно поголем број граѓани.

Што нема да биде ТВОЈА

Твоја нема да биде политичка партија во класичен смисол на зборот, нема да биде концентрирана околу еден човек – Водач (со големо В), нема да биде партија со местни комитети, и митинзи и сали на збунети луѓе кои немаат појма зошто се собрани.

Твоја нем да биде замена на постоечките партии или нивна копија во помало издание која каска по нив и ги повторува нивните зборови.

Нема да биде финансиски зависна и врзана.

Нема да се потпира на економија која ги ослободува од данок богатите бизниси.

Нема да лаже за тоа што може да биде направено и да ветува  работи кои не можат да бидат остварени.

Нема да ветува и нуди работни места или функции во државниот апарат.

Нема да биде ничија алатка за градење кариера, добивање бенефиции или остварување добивка.

Што ќе биде ТВОЈА

Твоја е здружување од потреба. Потреба во  хаосот во кој живееме, да најдеме начин да се избориме за пристоен живот тука, дома. Помалку партија, повеќе платформа во која секој член може и треба да учествува во дефинирањето на проблемите, приоритетите, решенијата. Одговор на  катастрофата која ја снајде Македонија и чии последици веќе ги гледаме и чувствуваме.

Твоја е демократска  партија  чијашто дејност се базира на комбинирање  на политиките  за општествена промена со политиките за решавање на големите еколошки проблеми во национални и меѓународни рамки, а со цел креирање на праведно, фер и одржливо општетсво.

Твоја е партија која со својот интелектуален потенцијал може да провоцира промена и да поттикне излегување од затворениот круг на стагнација со промоција на професионалноста над партиската книшка и правото над политичкиот волунтаризам. Партија која има намера вредностите и принципите кои ги застапува  да ги промовира прво во сопствената структура и сопственото делување.

Твоја е партија која има намера да влезе на политичката сцена како независна (независна од влијанија на структури кои понатаму би го компромитирале нејзиното делување и кои би го оневозможиле остварувањето на зацртаните цели), без опашки и без долгови кон било кого. Тоа е веќе нешто сосема поинакво во партиското делување во Македонија.

За што се залага ТВОЈА

Централна фигура во државата е индивидуата со нејзините права.

Луѓето имаат различни идентитети, кои можат да ги манифестираат, менуваат, да се откажуваат од нив, да ги прифаќаат или да ги негираат без никакви негативни последици.

За политичарите не смее да има втора шанса .Еднаш корумпиран функционер, судија, ЈО, градоначалник, … е корумпиран за секогаш.

Твоја Партија се залага за постепен нaпpeдокот кој ќе биде инклузивен и достапен за сите.

Твоја Партија се залага за социјална правда и еднаквост на сите грѓани и борба против сиромаштијата за достоинствен живот овде. За политикa за намалување на нееднаквоста, така што индивидуите и семејствата без разлика на потеклото ќe можат да уживаат благосостојба соодветна на 21 век и ќе продолжат да придонесуваат за просперитетот на Македонија.

Се залага за искоренување на сиромаштијата и создавање средна класа, нација на добро ситуирани, среќни, исполнети и слободно мислечки индивидуи кои живеат во праведно општество и уживаат заштита од законите и институциите. Твоја се залага за одговорност од сите досегашни и идни политичари и одговорни лица со бескомпромисна борба против Корупцијата на сите нивоа во власта и општеството, и  испитување на потеклото на имотот до ниво на ригидност.

Се залага за развој на нови технологии и користење чисти извори на енергија со што ке ја направиме Македонија зелено катче во Европа.

Се залага за намалување на министерства и јавна администрација со цел постигање подобри резултати и градење професионални јавни службеници а не товар за државата и исплата на партиски членови.

Како ќе делува и како ќе го направи ова ТВОЈА

Со тоа што борбата со корупцијата секогаш ќе ја почнуваме од  самите себе.

Професионалноста, знаењето и стручноста нема да ги вреднуваме врз основа на партиската припадност.

Државата ќе ја третираме како алатка која служи за задоволување на потребите и интересите на граѓаните што подразбира државен апарат кој се структуира на начин на кој најдобро, наједноставно, најефикасно и најевтино им служи на граѓаните.

Со издигнување на екологијата и борбата за здрава животна средина на ниво на  секојдневен приоритет во кој ќе бидат вложении многу труд и многу средства.

Со позиционирање кое ќе и даде клучна улога при носење на законите и креирање на услови кои водат кон поставените цели.

Преку одговорни и кредибилни политички акции со кои ќе им поуди на граѓаните разработени идеи и мерки со цел да се оствари социјален и економски развој на државата.

Преку прагматичен приод во управувањето, со многу силен акцент на професионалноста, стручноста и непартијноста.

Со тоа што месните комитети и кафанските средби ќе ги замени со  мрежа на членство интегрирано преку социјалните медиуми и соодветните платформи кое во секој момент може да реагира, да поддржи или да се спротистави на одредена одлука, идеја или политика на партијата.

Со формирање на флексибилни и целно насочени групи и постојано филтрирање и промовирање на најдобрите идеи и решенија кои ќе бидат застапувани од луѓето кои знаат и умеат да ги спроведат во пракса.

Одлуката е ТВОЈА!

Важните проблеми со кои се соочува нашата земја:

Климатски промени, корумпираност на правосудниот систем, партизација на јавниот сектор, отсуство на суштински плурализам, необразованост.