Tvoja

МАКЕДОНИЈА И ТВОЕ МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ

ИЗБОРНИ ПРИОРИТЕТИ

Одлуката е ТВОЈА

Приоритетни области на делување на Твоја партија

1. Одговорноста во државата треба да биде правопропорционална со висината на функцијата: колку повисока функција – толку поголема одговорност.

Твоја партија застапува една ПОИНАКВА одговорност на високите функционери од оваа досегашнава. Не морална, не политичка, туку, кривично-правна одговорност на високите функционери. За ширење лажни вести, за измама на граѓаните, за лажни ветувања, за крадење, за рекет, за уцени и за закани. 

Што  имаме намера да направиме?

Твоја партија ќе понуди промени со кои ќе се намалат/укинат сите  привилегии на претседателот, пратениците и другите именувани функционери кои не се стриктно и пропорционално поврзани со извршувањето на нивната функција. 

Твоја партија ќе иницира промени на Уставот со цел намалување на бројот на пратеници, општини и ќе побара преиспитување на потребата од постоење на актуелните управни и надзорни одбори.

Секој политичар при стапување на должност наместо да  чита заклетва, треба да чита  изјава која ја дава под полна кривична одговорност и со која тврди дека не ширел и нема да шири лажни вести, дека не ги мамел и нема да ги мами граѓаните, дека не давал и нема да дава лажни ветувања, дека не крадел и нема да краде, дека не рекетирал и нема да рекетира, дека не уценувал и не се заканувал, и нема да уценува и да се заканува.

Секоја казна предвидена во Кривичниот законик, и во другите закони, да се постави во сооднос со функцијата која ја има лицето за кое си изрекува казната. Висината на казните да бидат правопропорционални со висината на функцијата која некој ја има. Секоја одговорност да започнува во моментот на најмал сомнеж искажан од страна на граѓаните.

Да го редефинираме имунитетот на парламентарците. Парламентарците не треба да одговараат за искажаното на собраниската говорница, меѓутоа мораат да одговараат (па и повеќекратно повисоко од обичниот граѓанин) за секое и најмало прекршување на законите, затоа што во нив е кумулирана волјата на стотици и илјади граѓани.

При завршувањето на мандатот секој функционер мора да даде детален извештај за новата имотна состојба. Не лист хартија со пополнета табела туку детално образложение од каде му е секој денар стекнат и потрошен за време на тој мандат, негов и на неговото потесно семејство, со можност за одземање на секоја сума која не може да се оправда како легално стекната во рамките на извршувањето на функцијата.

Истите принципи за докажување и објаснување на промените во имотот за време и по завршување на функцијата на која се назначени, ќе се применуваат и на партиите со дополнителни ограничувања за максималниот имот со кој може да располагаат. 

2. Животната средина во Македонија е мртва. Твоја партија нуди начин како да ја реанимираме.

Твоја партија нуди ПОИНАКОВ пристап во заштитата на животната средина. Според Твоја партија станува збор за реанимација на животната средина и борбата за реанимирање на животната средина е предуслов за се’ друго затоа што во моментов не се поставува прашањето како ќе се живее туку дали ќе се живее? 

Што имаме намера да направиме?

Ќе издвоиме средства во буџетот затоа што за реанимација на животната средина се потребни средства – МНОГУ СРЕДСТВА.  Во проценти, потребата од буџетски издвојувања не смее да биде под 2.5% од целокупниот буџет на државата (што соодветствува на просекот кој се издвојува за оваа намена во ЕУ државите).

Ќе ангажираме луѓе кои знаат, затоа што за реанимирање на мртвата животна средина е потребно знаење – МНОГУ ЗНАЕЊЕ. Тоа значи, максимално искористување на целокупниот интелектуален капацитет (посебно веќе создадените кадри од Машинскиот факултет и Природно математичкиот факултет, студентите и активистите во невладините организации) во државата и барање помош и поддршка од експерти надвор од државата.

Ќе иницираме промена на казнената политика (посебно за големите загадувачи), затоа што за реанимирање на животната средина се потребни казни – СТРОГИ КАЗНИ. Зголемување на прекршочната одговорност, искористување на мерките на пробација ставени во функција на животната средина и проширување на кривичната одговорност со посебно засилени мерки против големите загадувачи со цел превенирање на идното загадување. Парите добиени од овие казни ќе се канализираат единствено во поддршка на активностите поврзани со животната средина.

Ќе изработиме долгорочни планови со реални временски параметри во рамките на кои може да се очекуваат резултати, затоа што за да ја реанимираме животната средина е потребно време – ВРЕМЕ КОЕ ПОСТЕПЕНО ГО СНЕМУВАМЕ. Секое ветување дека ситуацијата може да се промени во краток рок е нереално. Треба да се почне денес за првите резултати да почнат да се забележуваат по пет, 10, 20 години. Долгорочното планирање и континуираното делување (независно од тоа која политичка гарнитура се наоѓа на власт) е единствен гарант за промена.

Ќе поттикнеме активности кои на реанимацијата на животната средина ќе пристапат како кон сложувалка чие решавање започнува со  справување со:

– големите загадувачи, 

– со уништувачите на шумите, 

– со експанзијата на каменоломите, 

– со градежната мафија, 

– со сиромаштијата, 

– со сметот, 

– со напуштањето на малите градови и села, 

– со непланското и недоволно вложување во патиштата и железницата, 

– со нееднаквоста во инфраструктурата, и пред се’ 

– со големото незнаење на луѓето.

Ќе продолжиме со затворање на кругот на искористување на природните ресурси со тоа што ќе го следиме нивниот живот од сировина до отпад и ќе влијаеме во секој чекор да се донесуваат оддржливи решенија. 

Ќе се водиме од европските принципи на претпазливост со животната средина (precautionary principle) и дека загадувачот плаќа за нанесената штета (polluter pays) и ќе ги унапредиме со принципот дека искористувањето на заедничките природни ресурси не е бесплатно, туку доаѓа со обврска да ја унапредиме животната средина.  

Ќе влијаеме на уредувањето на производство и употреба на пластични предмети за еднократна употреба, амбалажи и печатени материјали за комерцијални цели (флаери и каталози).  

Ќе влијаеме во донесувањето соодветна легислатива која ќе ги уреди правата и обврските на здруженијата на граѓани кои работат во областа на животната средина и посебно заштитата на животните.

Ќе создадеме систем во кој ќе може да ја одбраниме Природата пред судовите, затоа што Природата ги заслужува правата кои им се даваат и на ранливите категории, затоа што самата не може да се брани, па ни пред суд. Твоја партија ќе гради политика која не се базира на лажната дилема “затворање на големите загадувачи наспроти отпуштање од работа и загрозување на егзистенцијата на вработените во истите“ (која во крајна линија значи поттикнување на несметаното работење на големите загадувачи), туку на политика на максимално дестимулирање и  обесхрабрување на големите загадувачи, кога загадувањето станува поскапо од заштитата.

3. Образованието не е трошок туку инвестиција во развој

Твоја партија смета дека промените во образованието треба да започнат со ПОИНАКВО третирање на образованието од страна на државата. Во образованието треба да се вложува многу и континуирано и осмислено затоа што тоа е влог во иднината. Влог во индивидуалната иднина на секој граѓанин и на колективната иднина на заедницата во која живееме.

Според Твоја партија развојот на економијата, владеењето на правото, функционирањето на демократските институции, заштитата на животната средина, почитувањето на разликите и менаџирањето на конфликтите се директно поврзани со квалитетот на образованието и зависат од образованието.

Што имаме намера да направиме?

Издвојувањата за образованието во Буџетот ќе бидат ставени под ставка инвестиции, а не трошок затоа што образованието е инвестициско вложување кое повеќекратно ќе се врати во заедницата. За да може да се направи видлива промена во образованието потребно е издвојувањата за образование да се димензионираат на 6% од БДП (наместо сегашните 3.7%).

Твоја партија ќе иницира промени во обуката на наставници и промени во програмите  кои ќе поддржат образование кое промовира: достоинство, почитување на разликите, еднаквост и солидарност. Образование кое овозможува стекнување знаења и вештини  потребни во животот, кои овозможуваат учество во одлучувањето, поттикнуваат критичко размислување и кои одговараат на постоечкиот цивилизациски развој на човештвото.

 Твоја партија посебно ќе работи на поддршка на  центрите и организациите кои нудат неформално образование на населението и креирање систем за дополнително сертифицирано образование за населението над 55 години.  

Твоја партија ќе посвети посебно внимание на високото образование и финансирањето на јавните високообразовни и научни институции (со посебен акцент на поддршката на научно-истражувачката работа). Ќе бидат разгледани позитивните искуства од други држави (блок дотации за универзитети, посебни критериуми за издвојувања за науката и сл.), ќе се пристапи кон потпишување Колективен договор за високото образование и ќе се работи на намалување на бројот на универзитетите финансирани од страна на државата, а зголемување на квалитетот на наставата. Ова подразбира и задолжителна академска и истражувачка активност на студентите на постдипломски студии предвидена со програмите со цел да се избегне билдање титули без академска вредност и апстиненција од пазарот на трудот, пред се’ кај млади луѓе.  

Ќе бараме максимално вложување во образование и наука, максимални плати за образовниот и научниот кадар (издвојувања за образование на ниво на просекот на ЕУ државите), и, максимална одговорност за работењето на образовниот и научниот кадар.

4. Наместо партизација – професионализација

Ставот на Твоја партија е дека незнаењето, неискуството и непрофесионалноста на административните службеници и вработените во јавниот сектор се причина за нефункционирање на државата, лошите услуги за граѓаните, и,  создавање тесни грла на демократијата кои продуцираат конфликти спакувани во етничка, партиска, родова или некоја друга нееднаквост.

Твоја партија нуди ПОИНАКОВ пристап кон административните службеници и вработените во јавниот сектор. 

Што имаме намера да направиме?

Потполна заштита од било кој облик на партиско влијание преку воведување сложен систем на вработување, вреднување и кариерно напредување на административните службеници и вработените во јавниот сектор, базиран на однапред поставени правила, процедури и критериуми кои не се менуваат со промена на владеачката структура. Посебно внимание ќе посветиме на менување на моделот на менаџирање во администрацијата како дел од кариерното напредување и збир од специфични знаења и искуствa потребни за тоа, како и на корпусот права и обврски. 

Ќе инсистираме на мерит систем кој не може да биде заобиколен со барањата за правична застапеност туку ќе биде надополнет со овие барања.

Ќе промовираме систем на континуитет во институциите и институционално помнење кое води кон постојано надградување, а не постојано почнување од нулта точка. 

Максимално поедноставување  и намалување на сите процедури, внесување посебни услуги и помош за граѓаните на кои им е потребна, спецификувани упатства поврзани со секој законски и подзаконски акт на административното работење. 

Воведување таргети со дефинирано време на одговор на барањата од граѓаните и според кои таргети ќе се мери успешноста на администрацијата.

Ќе поддржиме забрана на отпуштање и прераспоредување на административните службеници и вработените во јавниот сектор заради партиската припадност или партиска неутралност а ќе се заложиме за нивно максимално искористување согласно знаењата и вештините со кои располагаат, затоа што на заедницата и е потребен секој професионалец на местото кое најмногу одговара на неговите знаења и вештини. Реструктуирањето на администрацијата ќе подразбира максимално намалување на сите административни позиции кои не се директно поврзани со пружање услуги на граѓаните.   Твоја партија ќе инсистира на воведување принципи според кои на функцијата премиер, министер, градоначалник, директор на државна агенција, директор на јавно претпијатие, да не може да се именува личност на која тоа и е прво вработување и прво работно искуство во кариерата/областа, независно од постигнатиот успех во образованието и образовната титула. 

5. Секој граѓанин на Македонија има право на квалитетен живот

Твоја партија има ПОИНАКОВ пристап кон квалитетот на живеење. Квалитетот на живеење, за Твоја партија, не е спореден продукт на развојот на државата туку основно мерило на овој развој, а обезбедувањето услови за квалитетен живот е основна задача на државата.

Според Твоја партија квалитетниот живот ги надминува параметрите на просто преживување и подразбира максимален достап за секој граѓанин до благодетите на современите технологии, до културните содржини од најразличен вид и можност за практикување различни животни стилови кои соодветствуваат на мултикултурниот карактер на државата.

Квалитетот на живеење треба да биде ставен во контекст на објективните (економски перформанси, владеење на правото, здравје, образование, заштита на основните права и слободи …) и субјективни чинители (задоволство од животот, засегнатоста од она што се случува во заедницата и чувство на значење и цел во нечиј живот). 

Квалитетот на животот зависи од физичкото и ментално здравје на индивидуата, нивото на независност (независно од возраста, полот, …), односите со другите луѓе, со животната средина, …  и е поврзан со задоволството на индивидуата од неговиот/нејзиниот живот. 

Што имаме намера да направиме?

Ќе нудиме политики кои обезбедуваат достоинствен живот за сите граѓани во Македонија – соодветни материјални услови за живот (приходи, домување, индивидуална благосостојба и благосостојба на семејствата). Минималната плата е само почеток во градење систем на бенефиции и олеснувања кој треба да овозможи секој граѓанин да има кров над глава, чиста вода за пиење, храна и облека, образование и потребна здравствена заштита.

Твоја партија ќе иницира и ќе учествува во спроведувањето политики кои овозможуваат полно и квалитетно вработување, флексибилно работно време кое овозможува балансирање на работата и приватниот живот, сигурност при работата и препознавање на неплатениот семеен труд. 

Твоја партија ќе посвети посебно внимание на политиките кои се бават со сигурноста на граѓаните (во целокупната комплексност на овој поим – индивидуална физичка сигурност, правна сигурност, економска и политичка сигурност) и ќе овозможи луѓето да планираат, да се справуваат со неочекувани трошоци и да ја добијат соодветната заштита согласно сопствените специфични потреби.  

Твоја партија ги препознава слободното време и социјалните комуникации како значаен елемент на квалитетот на живеење и ќе иницира политики и активности кои ќе обезбедат поголем квантитет и квалитет на социјална интеракција на луѓето, културни и спортски активности. Твоја партија ќе ги поддржи волонтерството, бесплатните услуги за ранливите групи луѓе и максимално учество во спортските и културни активности на што е можно поголем број луѓе.

Со цел обезбедување што е можно поквалитетен живот за поголем број луѓе, Твоја партија ќе стимулира хуманизација на урбаното живеење, негова деконцентрација преку живот во помали градови, соживот со природата и прифаќање на различните стилови на живеење. Во обезбедувањето на квалитетот на живеење Твоја партија ќе посвети посебно внимание на старите и изнемоштени, на луѓето со попреченост и на жените (создавање посебни услужни центри кои би им помогнале во задоволување на секојдневните потреби, градење систем од бенефиции во здравството, образованието, културата, со кои  се обезбедува фактичка, а не формална еднаквост, институционална поддршка во секој сегмент од живеењето со цел нивно поголемо присуство во јавниот живот и процесите на одлучување во државата, алтернативни и флексибилни решенија поврзани со работното време, работните обврски и споделувањето на одговорностите во семејството).