Tvoja

МАКЕДОНИЈА И ТВОЕ МЕСТО ЗА ЖИВЕЕЊЕ

ТОРТЕВСКИ: ДА СУМ НА МЕСТО НА ЧУЛЕВ БИ СИ ДАЛ ОСТАВКА, ПА НЕКА СЕ ВИДИ КОЈ ЈА ИМА ЦЕЛАТА ОДГОВОРНОСТ

Откако почна пандемјата разликувам два периоди. Првиот е кога одлуките ги носеше струката и тогаш беа одлични. Вториот е кога Владата почна да калкулира и да се води од партиски, политички и верски мотиви. Повластувањето на верските заедници и калкулирањето со нивната поддршка за изборите на крај не’ доведе да станеме земја со најлоши резултати во Европа и за тоа некој треба да сноси одговорност, вели адвокатот Александар Тортевски во интервју за Стандард.

Тој смета дека за состојбата е одговорна Владата, а не министерот за внатрешни работи.

-Имам чувство дека СДСМ е среќен што го има Чулев во Владата, па за секој неуспех можат да се вадат на него. Јас да сум на негово место би си дал оставка, па нека се види кој ја има целата одговорност, вели Тортевски.

За СЈО посочува дека е негова „голема болка и траума“ бидејќи посакувал нивната мисија навистина да успее.

-За жал на крајот заврши со комплетно фијаско. Од таму заминав летото 2017 бидејќи Катица во еден момент не сакаше да ми го продолжи договорот, а по неколку дена ми се јавија да дојдам да го потпишам договорот. Тогаш бев сигурен дека се работи за нестабилна личност и одбив да го продолжам договорот, вели Тортевски.

„Твоја“ партија веќе се регистрираше и ќе настапите на изборите. Што стои зад идејата да ја создадете партијата и што поинаку ќе понудите на политичката сцена?

Не нудиме ништо ново, ниту спектакуларно. Едноставо нудиме едно обично, нормално општество. Една скромна, нормална држава во која граѓанинот и неговите способности ќе бидат на централната позиција. Во која благосостојбата, животниот стандард и начинот на живот ќе зависат исклучиво од способностите на индивидуата, а не од партиската припадност и близината со партиските врхушки. Би забраниле партиски вработувања и драстично би ги намалиле функционерските привилегии. Македонија е сиромашна земја и теретот на сиромаштијата треба особено да го сносат оние кои се одговорни за тие состојби.

Кампањата и пред состојбата одлучивме да ја водиме онлајн преку социјалните мрежи и цврсто сме решени да не потрошиме ниту еден лист хартија во кампањата. Ова и од причина што ние сме и зелена партија. Сакаме реформи во сите сфери, но за да направите реформи, прво треба да преживеете. Треба да не ве убие загадениот воздух кој редовно кај нас ги урива сите рекорди на токсичност.

Нашата целна група се слободномислечките луѓе кои не бараат партиски привилегии и вработувања, луѓе кои не се задоволни како СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ја водат државата во последните 30 години.

Дали мислите дека конечно можеме да видиме силна „трета опција“ во Собранието?

– Свесни сме дека веднаш во првиот момент не може да очекуваме спектакуларен резултат и дека гласачкото тело генерално е поделено помеѓу двете големи партии. Јасно ни е дека и синдромот на фрлен глас многу ќе ни ја отежни положбата, но знаеме дека дека тоа се детски болести кои мора да се прележат.

Министерот Манчевски пред неколку дена изјави дека по овие избори се напушта моделот „државни пари за изборни реклами“. Дава ли тоа шанса на помалите партии да излезат на површина и зошто според вас ова не се донесе како одлука и за овие избори, кога владејачката партија уште во 2016-та ветуваше дека ќе се напушти овој модел?

– Имам силен впечаток дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ практично се во молкумна коалиција кога се работи за трошење на државни пари за партиски цели и во однос на неодговарање на високите партиски и државни функционери. И покрај јавно прокламираната меѓусебна „омраза”, тие на првата средба веднаш се договорија да делат меѓу себе 4,5 милиони евра од буџет и 3,5 милиони за покривање на предизборната кампања. Мала и новоформирана партија многу тешко може да стане видлива наспроти вакви “гиганти” кои патем медиумите ги купуваат со државни пари секогаш кога се на власт. Ние сме за укинување на буџетското финансирање на партиите кои мора да се финансираат исклучиво од членарина и со тоа големите повторно ќе имаат предност бидејки имаат голем број членови.

Се уште нема датум за избори поради состојбата со коронавирусот. Според вас, дали треба да имаме брзи избори или да почекаме да се стабилизира состојбата?

– Изборите треба да се одржат во услови кога луѓето се чувствуваат безбедни и нема да се плашат да се појават на гласачкото место. Во услови на пандемија, на избори ќе излезат само партиските војници, а нашите гласачи веројатно ќе останат дома, но тоа е што е. Ќе се бориме да привлечеме што повеќе луѓе да го дадат гласот за вистински промени.

Како ќе ја протолкувате кампањата на ДУИ за прв премиер Албанец на Македонија?

– На сите им е јасно дека ова е ефтин предизборен маркетинг со цел да се обезбедат уште 4 години спокојство во власта. Нашиот став за ова е многу едноставен и приземен. Време е за чесен премиер, со солиден квантум на знаење, кој ќе се грижи за државниот, а не за партискиот интерес.

Според вас, како државата и здравствените власти се справуваат со епидемијата?

– Во однос на пандемијата разликувам два периоди. Првиот е кога одлуките ги носеше струката и тогаш беа одлични. Вториот е кога Владата почна да калкулира и да се води од партиски, политички и верски мотиви. Повластувањето на верските заедници и калкулирањето со нивната поддршка за изборите на крај не’ доведе да станеме земја со најлоши резултати во Европа и за тоа некој треба да сноси одговорност. Штетата ќе ни биде илијадници новозаболени, стотици мртви, десетина илијади загубени работни места, банкроти и психички заболувања. Тука е одговорна Владата и воопшто не ме интересира дали и Наќе Чулев учесвува во носењето на одлуките. Имам чувство дека СДСМ е среќен што го има Чулев во Владата, па за секој неуспех можат да се вадат на него. Јас да сум на негово место би си дал оставка, па нека се види кој ја има целата одговорност.

Ваш коментар за она што се случи со СЈО, кое имаше најголема доверба кај граѓаните и каде бевте советник и дали, според вас, процесот за случајот „Рекет“ целосно откри што се случувало внатре во институцијата?

– СЈО ми е голема болка и траума затоа што навистина многу сакав да успее во мисијата која ја имаше. За жал на крајот заврши со комлетно фијаско. Од таму заминав летото 2017 бидејќи Катица во еден момент не сакаше да ми го продолжи договорот, а по неколку дена ми се јавија да дојдам да го потпишам договорот. Тогаш бев сигурен дека се работи за нестабилна личност и одбив да го продолжам договорот. Инаку фактот што подоцна се дозна дека Катица била и на списокот на СДСМ и на ВМРО доволно зборува дека лобирала и кај двете структури, а веројатно и давала ветувања. Убеден сум дека дефинитивниот крај на СЈО започнал во оној момент кога владејачката структура започнала да им бара услуга со пуштање или притворање на одредени лиѓе, а заради обезбедување на мнозинство потребно за уставните измени. Ако власта од правосуден функционер секој ден бара да се пушти некој човек од притвор, тука веќе нема ниту право ниту принципи. Обвинителот или судијата потоа за своја “сметка” ќе го злоупотребуваат законот. Многу лесно потоа и пришле мешетари од типот на Боки кои ја убедиле дека зад пуштањето всушност стојат милионски исплати (што е и сосема можно) и дека парламентарното мнозинство е само покритие и дека сега и за Катица е време и таа да добие дел од колачот.

За целата таа афера би рекол дека е “една афера—илјада збора”. Едноставно го отсликува целокупното наше општество. Кога може обвинет од куќен притвор да му се јави на премиерот и да оствари средба за да му презентира докази за одредено дејствие? Што имал Заев да го прима Орце и згора на тоа да бара неколку дена да размисли што да прави? Што размислувал Заев во тие неколку дена? Што да прави и како СДСМ да излезе со што помалку штета? Па целиот СДСМ со месеци му бакнуваше рака на Боки. Без тие контакти, Боки немаше да добие денар од никого. Целиот државен врв беше импресиониран како еден од најзадолжените луѓе, со блокирани сметки, одеднаш стана милионер во евра. Тоа само покажува дека живеат во друг, имагинарен свет каде што милиони се заработуваат преку ноќ.

Ефектите на коронавирусот врз економијата во земјава допрва ќе ги чуствуваме. Од она што го видовте досега, дали се тие доволни?

– Секако дека не е доволно, но не треба да заборавиме дека државата нема сопствени приходи и дека пак се тоа народни пари. И кредитите кои сега се земаат, пак ќе ги враќаат граѓаните. Ме нервира фактот што помош добиваат сектори и тајкуни кои работат во услови на криза, а најмалку оние што најжестоко се погодени од кризата, нпр. хотелиерите, турусистичките работници, угостителите. Спрема нив владата се однесува како да биле криминалци кои нема да ни требаат кога се` ќе се нормализира.

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail

Можеби сте пропуштиле